Side Area Logo
Добро дојдовте на нашата веб страна
Поврзи се со нас
 

Преку унапредување на животната средина, до сигурна финансиска иднина

Преку унапредување на животната средина, до сигурна финансиска иднина

Главна  и единствена дејност на пензиските друштва во системот на капитално финансирано пензиско осигурување претставува управувањето со задолжителните/доброволните пензиски фондови, нивно претставување пред трети лица, како и други дејности поврзани со управувањето. Пензиското друштво кое управува со задолжителните и доброволните пензиски фондови е должно средствата на фондовите да ги инвестира согласно законските одредби, сè со цел остварување на највисок принос единствено во полза на членовите и пензионираните членови, и преку диверзификација и финансиска анализа да се минимизира ризикот од загуби.

Покрај приносот за своите членови, КБ Прво пензиско друштво АД Скопје поаѓа од уште една дополнителна цел која е приоритет при составување на портфолиото на фондовите. Тоа е грижата за животната средина, општеството и корпоративното управување, преку воведувањето на одговорното ESG инвестирање.

Што претставува ESG инвестирањето?

Одговорното инвестирање (ESG) е вид на инвестирање што има за цел да генерира финансиски принос, а истовремено да има позитивно влијание врз општеството, управувањето и животната средина.

ESG инвестирањето зема предвид низа нефинансиски фактори кога ги оценува инвестициите, како што се: влијанието на компанијата врз животната средина, нејзините работни практики и структурата на корпоративното управување.

Се состои од 3 клучни елементи:

  • Еколошкиот елемент опфаќа широк опсег на теми како што се: климатските промени, користењето на природните ресурси, загадувањето на животната средина, управувањето со отпадот вклучувајќи го електронскиот отпад, емисиите на CO2, можностите за користење и инвестирање во чиста технологија, обновливи извори и зелена енергија;
  • Општествениот елемент вклучува теми како што се: човечки ресурси, здравје и безбедност при работа, развој на човечки ресурси, безбедност и квалитет на производите, приватност и заштита на податоци, одговорни инвестиции, синџир на снабдување, општествено одговорно однесување и здравствена заштита;
  • Елементот на управување вклучува теми како што се: деловна етика и култура, сопственичка структура, плати на директори, различност на одборите во однос на возраста, полот, образованието и професионалното искуство, антимонополските практики, корупцијата и поткупот, даночната и сметководствената транспарентност.

Иднината на ESG инвестирањето

Подемот на oдржливото инвестирање е поттикнат од зголемената свест за потребата од решавање на социјалните и еколошките прашања. Климатските промени, социјалната нееднаквост и проблемите кај корпоративното управување придонесоа за чувство на итност околу овие прашања. Ова претставува еден начин инвеститорите да го искористат својот капитал за да се справат со овие проблеми.

Иднината на ESG инвестирањето изгледа светла. Во последниве години, индустријата бележи значителен раст, а има и зголемена побарувачка за ESG инвестиции и од индивидуални и од институционални инвеститори. Како што повеќе инвеститори им даваат приоритет на социјалните и еколошките грижи, побарувачката за ESG инвестиции веројатно ќе продолжи да расте. Oва може да доведе до повеќе стандардизирани критериуми за ESG и поголем консензус за тоа што ја прави инвестицијата добра од перспектива на ESG.

Имплементација на ESG концепт

Во насока кон обезбедување на подобро живеење за сите нас, свој придонес дава и КБ Прво пензиско друштво кое по спроведените анализи за придобивките од ESG инвестирањето, го усвои како дел од својата инвестициона политика и започнува со реализиција од почетокот на 2021 година.

Еден од главните критериуми за негово имплементирање претставува движењето на приносот кој би го остварувале фондовите кои се во управување на КБ Прво пензиско друштво. Резултатите од анализите покажуваат не само задржување на приносот, туку и негово надминување споредено со останатите компании. Ова се потврди и во пракса кога во 2021 година како период на трансформација на портфолијата на задолжителниот и доброволниот пензиски фонд, ефектот од воведувањето на ESG инвестирање во делот на странското акциско портфолио претставуваше подобар принос за 1,98 п.п. споредено со портфолиото пред примената на овој концепт.

Резултати

Токму ова покажува како преку инвестирањето во компании кои покажуваат повисоко ниво на грижа за животната средина, се постигнува целта за сигурна иднина  членовите на пензискиот фонд и се обезбедуваат позитивни ефекти за околината. Овие ефекти можат да се утврдат преку редовните мерења на ESG оцената на компаниите и инвестициите на пензискиот фонд. Од почетокот на 2021 година, па сè до февруари 2023 година, ESG оцената на инвестициите во странското портфолио на фондовите во управување на КБ Прво пензиско друштво бележи раст oд 40 %. Исто така, од големо значење е показателот за јаглеродниот интензитет (тони јаглерод диоксид/приходи од продажба) кој покажува дека за истиот овој период, компаниите вклучени во портфолиото успеале да го намалат испуштањето на јаглерод диоксид во воздухот за 31 % во текот на овој период.

Со примена на концептот на ESG инвестирање, заземаме учество во изградба на светот како подобро место за живеење, на што навистина сме горди. Наша амбиција е да станеме регионален лидер во овој сегмент.

Напишано од Бојан Ристаноски

Авторот на текстот е дел од Секторот за управување со средствата во КБ Прво пензиско друштво АД Скопје, кој активно учествува во подготовките на анализи за различните финансиски инструменти и извршувањето на секојдневните задачи кои се однесуваат на управувањето на средствата на фондовите на домашен и странски пазар.

Нема коментари

ОСТАВЕТЕ КОМЕНТАР