Side Area Logo
Добро дојдовте на нашата веб страна
Поврзи се со нас
 

Кои ризици се преземаат при инвестирањето на средствата и колку се сигурни парите кои ги вложуваме? Има ли гаранции?

Кои ризици се преземаат при инвестирањето на средствата и колку се сигурни парите кои ги вложуваме? Има ли гаранции?

Пензиските фондови се една од најсигурните опции за инвестирање на средствата за сите оние кои сакаат да ја обезбедат својата финансиска иднина по пензионирањето. Сепак, како и секоја друга опција за инвестирање, пензиските фондови исто така носат одредено ниво на ризик. Затоа, ќе објасниме кои се инвестициските ризици во пензиските фондови и колку се сигурни инвестираните средства.

Што се пензиски фондови?

Во нашата држава се дизајнираше реформа на пензискиот систем, со што се воспостави тростолбен пензиски систем, со комбиниран начин на финансирање на идните пензии и со диверзификација на демографските и економските ризици, со цел обезбедување сигурна пензија за сегашните и идни генерации пензионери и долгорочна финансиска стабилност на пензискиот систем. Во таа насока се формирани друштва кои управуваат со задолжителни и доброволни пензиски фондови. Пензиските фондови се вид на отворени инвестициски фондови кои се основаат за да обезбедат пензиски бенефити за своите членови. Придонесите во фондот се уплаќаат во одреден временски период, а средствата се инвестираат во диверзифицирано портфолио на инструменти како што се: акции, обврзници, инвестициски фондови, депозити. Во суштина, пензискиот фонд акумулира средства, истите ги инвестира со цел да обезбеди принос за своите членови и на крајот исплaќа пензиски надоместок.

Инвестициски ризици

Примарниот ризик кој го носат инвестициите во пензиските фондови е пазарниот ризик. Ова значи дека вредноста на инвестициите во акции, инвестициски фондови и други сопственички инструменти може да се намали поради фактори како: влошени финансиски резултати, економски кризи, значајни геополитички настани, како и очекувањата на инвеститорите. Овој ризик се зголемува кога средствата се инвестираат во сопственички инструменти на поризични компании, како и кога изложеноста на инвестиции во овој тип на инструменти е повисока.

Понатаму, можеби еден од најважните ризици е каматниот ризик, бидејќи пензиските фондови  вообичаено се значително изложени во инструменти со фиксен приход како што се обврзниците. Овој ризик ја отсликува можноста вредноста на инвестицијата да се намали поради промените во каматните стапки. Ако каматните стапки се зголемат, вредноста на инвестицијата ќе се намали и спротивно, ако каматните стапки паднат, вредноста на инвестицијата ќе се зголеми. Затоа, од суштинско значење е да се разбере влијанието на каматниот ризик врз приносите на пензиските фондови и како тоа може да влијае на приходот од пензија и пензиски надоместок.

Друг ризик со кој се соочуваат пензиските фондови е кредитниот ризик. Кредитниот ризик се однесува на ризикот издавачот на обврзницата или друга должничка хартија од вредност во која се инвестирани средствата на пензискиот фонд да не ја исплати каматата и главницата. Овој ризик е повисок кога пензискиот фонд инвестира во обврзници кои имаат понизок кредитен рејтинг.

Следењето на ликвидносниот ризик е исто така значаен за инвестициите на пензиските фондови. Ризикот пензискиот фонд да не може да ги продаде своите средства за да ги исполни своите обврски, особено за време на финансиски кризи или нестабилност на пазарот, е во суштина ликвидносен ризик.

Колку се безбедни инвестициите на пензиските фондови?

Пензиските фондови се регулирани од Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување МАПАС и се обврзани да се придржуваат до строгите законски ограничувања и услови кои треба да ги исполнуваат инструментите за да се осигура безбедноста на средствата на инвеститорите.

Со пензиските фондови управуваат искусни портфолио менаџери и менаџери за управување со ризици кои имаат знаење и искуство во анализа и управување со инвестициските ризици. Тие имаат пристап до најактуелни инвестициски алатки и стратегии кои ги употребуваат при носењето на инвестициски одлуки и се од особена помош во услови на нестабилност на пазарите. Управувањето со ризиците на портфолиото преку диверзификацијата на портфолиото, инвестирање во инструменти со висок кредитен рејтинг како и високо ликвидни инструменти, придонесува да се намали вкупниот ризик на портфолиото, а од тоа да имаат бенефит сите членови на пензискиот фонд.

Меѓутоа, ниту една инвестиција не е целосно безризична, па дури и најконзервативниот пензиски фонд е изложен на пазарни флуктуации или негативни ефекти од економски кризи.

Инвестирањето во пензиски фондови подразбира долгорочна стратегија

Како заклучок, со правилен пристап, инвестирањето во пензиски фондови може да биде сигурен начин да ја обезбедите вашата финансиска иднина. Сепак, од суштинско значење е да се разберат ризиците кои ги носат инвестициите и да се усогласат со вашите финансиски цели и толеранцијата кон ризик. Важно е да се напомене дека сигурноста на инвестициите зависи од различни фактори и никогаш не може да се гарантира.

Инвестирањето во пензиски фондови подразбира долгорочна стратегија и краткорочните нестабилности на пазарот треба да се гледаат со дисциплина во однос на вашите финансиски цели.

Марија Спасев

Раководител на секторот за управување со ризици во КБ Прво пензиско друштво АД Скопје, одговорна за развивање политики и процедури за управување со ризици, следење на усогласеноста со овие политики, анализа на потенцијалните закани и можности, развивање стратегии за нивно ублажување и намалување, развивање на културата за упрвување со ризици.

Спасев е Магистер по финансии, со долгогодишно искуство во областа на управување со средства и управување со ризици.

Нема коментари

ОСТАВЕТЕ КОМЕНТАР