Side Area Logo
Добро дојдовте на нашата веб страна
Поврзи се со нас
 

Младите и вториот пензиски столб-што треба да знаеме при нашето прво вработување

Младите и вториот пензиски столб-што треба да знаеме при нашето прво вработување

Кога сме  во раните дваесетти години, последното нешто на што размислуваме е пензијата. Планираме каде ќе одиме на одмор, каков телефон ќе купиме, патики итн. Но, дали знаеме каде одат нашите пари? Не, притоа не мислам на нашите месечни трошоци за шопинг, излегување или викенд во Охрид, туку за придонесите што ни ги уплаќа работодавецот. Како некој што секојдневно е во комуникација со млади нововработени лица, можам да ја забележам нивната недоволна запознаеност со вториот пензиски столб, т.е. задолжителното капитално финансирано пензиско осигурување. За нив тоа е нешто за што се грижи работодавецот, а средствата што им се уплаќаат за пензиско не ги ни сметаат за свои лични пари. Некои на пензијата гледаат како на нешто толку далечно, па не веруваат ниту дека воопшто ќе ја дочекаат. Но, реалноста е дека средствата од вториот пензиски столб се навистина наши лични пари, пари од кои во добар дел ќе зависи и нашата финансиска иднина.

Ако досега не си слушнал за вториот пензиски столб, или пак би сакал да дознаеш нешто повеќе за него, ова е вистинскиот текст за тебе, напишан од млад човек, кому пензиското осигурување му е професионална определба и секојдневно поле на работа и дискусија.

Поделба на пензискиот систем

Реформата на пензискиот систем е направена во 2003 година, а од 2005 година истата започнува и да се применува. Пред 20 години, од самите почетоци на реформата, е основано и КБ Прво пензиско друштво АД Скопје, како едно од приватните пензиски друштва на пазарот. Пензискиот систем од едностолбен се трансформирал во двостолбен, а подоцна и во тростолбен пензиски систем. Согласно моменталната законска регулатива, осигурениците кои за првпат се вработени по 01.01.2019 година, а на денот на вработувањето се помлади од 40 години се задолжителни членови на двата пензиски столба:

  • Прв столб – Државниот пензиски фонд ПИОСМ
  • Втор столб – членови во едно од друштвата кои управуваат со приватните задолжителни пензиски фондови

Што треба да знае секој нововработен за вториот столб при неговото прво вработување?

Од моментот кога работодавецот за првпат ќе го пријави, по случаен избор, Фондот на ПИОСМ времено го распределува нововработениот во некое од пензиските друштва во вториот столб.  Нововработениот има период од 3 месеци од датумот на вработување во кој може да одбере со кое пензиско друштво ќе склучи договор за задолжителен пензиски фонд. Доколку не направи избор, тогаш останува во пензиското друштво во коешто претходно бил времено распределен.

Со зачленувањето во вториот пензиски столб, на членот му се отвора индивидуална пензиска сметка на која месечно му се акумулираат дел од средствата кои му ги уплаќа работодавецот по основ на придонеси. Од бруто платата, 18,8% се уплаќаат за пензиско осигурување во Фондот на ПИОСМ, кој потоа ги дели на два дела:

  • 12,8% задржува врз основа на принципот на меѓугенерациска солидарност; од овие средства се исплаќаат пензии на сегашните пензионери, а на членовите им се засметува стаж;
  • 6% уплаќа на индивидуалните пензиски сметки на членовите на пензиските друштва во вториот пензиски столб.

Средствата на членовите акумулирани на нивните индивидуални пензиски сметки друштвото ги инвестира во финансиски инструменти, а остварениот принос од инвестирањето се распределува на сметките на членовите.

Кога може да се користат средствата од вториот пензиски столб?

Членовите може да ги користат средствата од вториот пензиски столб кога:

  • Членот ќе оствари право на пензија, на возраст од 64 години за маж и 62 години за жена со минимум 15 години работен стаж. Тогаш средствата од вториот столб месечно ќе му бидат исплаќани на членот како составен дел од неговата пензија.
  • Членот не ги исполнува условите за старосна пензија, тогаш по навршување на возраст од 65 години има можност за избор средствата од вториот пензиски столб да му бидат еднократно исплатени или месечно да се исплаќаат доколку утврдената пензија е поголема или еднаква на 40% од најнискиот износ на пензија.
  • Членот ќе почине, средствата од вториот пензиски столб ги наследува семејството во оставинска постапка.

Зошто е важно да се склучи договор за втор пензиски столб?

Иако членството во вториот пензиски столб е задолжително и без склучување на договор, со склучувањето на договорот пензиското друштво ги добива сите потребни информации за членот за да може редовно да му испраќа годишен извештај (по пошта или електронски) за состојбата на неговата пензиска сметка.

Зошто е важно да сте информирани за состојбата на Вашата индивидуална сметка?

Откако накратко го објаснивме пензискиот систем, да видиме зошто е важно да следиме што се случува со средствата од вториот пензиски столб.

Од износот на средствата во вториот пензиски столб во најголем дел ќе зависи и идната пензија на членот. Во зависност од тоа, членот може да се реши и за дополнително доброволно  штедење во третиот пензиски столб, за да ја осигура својата иднина и да има безгрижни пензионерски денови. На веб-страната на КБ Прво во делот „Моја Сметка“, е овозможено 24/7 следење на состојбата на сметка, каде во секој момент може да се провери кога се уплатени придонесите, колкав е износот на акумулираните средства и како друштвото ги оплодува средствата на членовите.

Пензијата ни делува далечна, но нејзината основа се поставува денес, кога започнуваме со нашиот работен однос. Ако за првпат почнеме да размислуваме за пензија неколку години пред самото пензионирање, ќе биде предоцна, затоа што многу малку ќе можеме да промениме. Само информиран член може да има контрола, да препознае дали неговите средства се управуваат правилно и да носи разумни одлуки за својата финансиска иднина. Затоа, не чекајте, осигурајте ја Вашата иднина денес.

Напишано од Ангел Пулев

Авторот на текстот е вработен во Сектор за продажба на КБ Прво пензиско друштво.  Одговорен е за работа со членовите на вториот пензиски столб, со посебен фокус на младите нововработени членови.

Супервизор на капитално финансирано пензиско осигурување е Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС) www.mapas.mk тел.  02/ 32 24 229

Нема коментари

Коментарите се не достапни во моментов