Side Area Logo
Добро дојдовте на нашата веб страна
Поврзи се со нас

Разлика помеѓу пензија од втор и од трет столб

„Дали ќе ми биде доволна пензијата?“ – Ова е едно од најчестите прашања кои сите си ги поставуваме во некој период од животот.

За да ја обезбедиме нашата финансиска стабилност по завршувањето на работниот век, најпрво, важно е навреме да ги имаме сите потребни информации, да се едуцираме со цел да го разбереме функционирањето на пензискиот систем. Во нашата земја освен првиот столб (ФПИОСМ), пензискиот систем вклучува уште два – втор и трет столб. Во овој текст, ќе објасниме која е разликата меѓу вториот и третиот пензиски столб, и зошто е корисно навремено да го направите вистинскиот избор и да осигурате безгрижна финансиска иднина.

Што претставува вториот столб?

Задолжителното капитално финансирано пензиско осигурување или втор столб, е столб во кој треба да се зачленат сите лица кои првпат се вработуваат по 1 јануари 2019 година и на датумот на вработување се помлади од 40 години.

Преку овој столб се исплаќа старосна пензија, дополнително на пензијата од првиот столб и се обезбедува поголема сигурност при старост.

Овој столб функционира на принцип на дефинирани придонеси, односно се заснова на принцип на собирање на средства преку плаќање на придонеси на индивидуални сметки на членовите чии средства понатаму се инвестираат и добивката намалена за трошоците на работењето на системот се aкумулира на средствата на индивидуалните сметки на членовите. Сите нововработени лица помлади од 40 години имаат три месеци да изберат во кој пензиски фонд може да членуваат. Доколку не направат избор во предвидениот рок, остануваат во пензискиот фонд во кој веќе се распределени.

Како функционира?

  • 6% Од Вашата бруто плата оди на Ваша индивидуална сметка во втор столб, додека 12,8% во Фондот на ПИОСМ.
  • Овие средства се инвестираат во финансиски инструменти – акции, обврзници, ETF и сл. на финансиските пазари со цел да се оствари принос, односно заработка, што ќе ја зголеми вредноста на Вашата пензиска заштеда.
  • Сметката е на Ваше име и средствата се наследни.
  • По исполнување на условите за пензионирање, акумулираните средства се повлекуваат во вид на програмирани повлекувања или во согласност со закон.

Што претставува третиот столб?

Доброволно капитално финансирано пензиско осигурување или трет столб е осигурување врз основа на капитализација на средствата, на принцип на дефинирани придонеси, но на доброволна основа. Овој столб им овозможува на сите лица кои сакаат да обезбедат поголема финансиска сигурност, покрај задолжителното осигурување, како и на сите лица кои не се опфатени со задолжително осигурување (во првиот и вториот столб), да штедат за дополнителна пензија.

Третиот столб им овозможува заштеда за дополнителна пензија на сите граѓани на возраст од 15 до 70 години, без разлика дали се во редовен работен однос, а притоа не се корисници на пензија. Освен физички лица, компании или здруженија на граѓани може да организираат и да финансираат професионални пензиски шеми преку уплати на средства за дополнително пензиско осигурување на лична – професионална сметка за своите вработени.

Како функционира?

  • Склучувате договор за членство со овластен агент.
  • Договорот се активира со првата уплата на средства.
  • Вие избирате колку и кога ќе уплаќате.
  • Средствата се инвестираат и се акумулираат на Вашата доброволна индивидуална сметка.
  • Уплатените средства се инвестираат во финансиски инструменти од страна на пензиското друштво на ист начин како и средствата од вториот пензиски столб.
  • Може да започнете со користење на овие средства по навршување на 52 години за жени и 54 години за мажи, односно 10 години пред стекнување на право на старосна пензија.
  • Средствата се наследни.
  • Начинот на повлекување на средствата може да го приспособите на Вашите потреби. Имајќи предвид дека истите Ви се наменети како заштеда за пензионерските денови, наша препорака е нивното повлекување да биде на месечна основа, со цел и поголема деакумулација на средства.

Клучни разлики меѓу вториот и третиот столб

ПараметарВтор столб (Задолжителен)Трет столб (Доброволен)
Кој може да биде член?Лица кои првпат се вработуваат по 1 јануари 2019 година и на датумот на вработување се помлади од 40 години.Сите граѓани од 15 до 70 години што не се пенизонери (вработени, самовработени, студенти, невработени)
Начин на вложувањеАвтоматски – 6% од придонесите на бруто платата се уплаќаат на индивидуалната сметка на членотДоброволни уплати – сами одлучувате колку, кога и колку често ќе уплаќате
Услови за користењеСо исполнување на законските услови за пензионирање, односно 62 години за жени и 64 години за мажи, со минимум 15 години работен стажМожност за повлекување 10 години пред исполнување на законските услови за пензија, односно односно 52 години за жени и 54 за мажи
Даночни бенефицииНемаДа – можност за даночни олеснувања за работодавачи кои организираат професионални пензиски шеми

Зошто е важно да размислувате за двата?

Комбинирањето на вториот и третиот столб овозможува:

  • Поголема финансиска сигурност во пензионерските денови
  • Поголема контрола над Вашите заштеди
  • Можност за повисока пензија преку дополнителни уплати

Што можете да направите денес?

Размислете:

  • Одвојте време и проверете ги Вашите пензиски заштеди – Дали Вашата идна пензија ќе ви биде доволна?
  • Проценете ја Вашата финансиска состојба, идните приходи – Дали и колку може да инвестирате?
  • Стапете во контакт со КБ Прво и информирајте се за условите на пазарот за пензиско осигурување, за трошоците, за остварените приноси од инвестиции и сл.;
  • Изберете фонд и започнете со уплати – дури и мали износи може да направат позитивна разлика на долг рок;
  • Следете ги извештаите за пензиска заштеда,прилагодувајте го износот на уплатите, согласно Вашите приходи.

Запомнете дека доброто планирање во животот Ви овозможува да уживате и во неизвесните моменти во животот, а висината на Вашата пензија зависи од одлуките што ќе ги донесете денес.

Со вложување во третиот пензиски столб вложувате за својата иднина.

Затоа, размислувајте за #ИднинатаДенес и уживајте во годините што доаѓаат!

КБ Прво пензиско друштво – Ваш сигурен партнер за иднината.

Супервизор на капитално финансирано пензиско осигурување е Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС) www.mapas.mk тел. 02/ 32 24 229

Нема коментари

Коментарите се не достапни во моментов