Милошевски: Глобалната пандемија допринесе да сè поголем број лица активно размислуваат за штедење
Интервју Милошевски, КБ Прво Пензиско Друштво: Глобалната пандемија допринесе да сè поголем број лица активно размислуваат за штедење и да се интересираат за доброволниот пензиски фонд
Влијанието на пандемијата се почувствува во сите сегменти од нашето функционирање, со промени кои најчесто имаа негативен тек. Но, она на кое позитивно влијаеше изминатиот специфичен период е навиката на луѓето за инвестирање и одговорното размислување за иднината. Токму тој позитивен тренд се рефлекрираше во работата на КБ Прво пензиско друштво, компанија која во 2021 година бележи пораст на бројот на членови, и која и покрај сите предизвици, успеа да ја задржи лидерската позиција на пазарот. На оваа тема, како и за можностите кои компаниите можат да ги обезбедат за своите вработени преку третиот пензиски столб, диверзификација на инвестициските ризици во нестабилната макроекономска клима во светот, одржливиот начин на работење и најновиот проект на друштвото, – “Замени и засади”, разговараме со Предраг Милошевски, Втор Генерален директор и член на Управниот одбор на КБ Прво.
1. Како глобалната пандемија влијаеше во поглед на штедењето, конкретно во доброволниот пензиски фонд?
Пандемијата предизвика ненадејна промена во многу сегменти од нашето секојдневие со огромни последици по нашето економско, здравствено, социолошко и културолошко живеење. Преку ноќ ни се сменија најосновните навики и рутини и бевме приморани брзо да се прилагодуваме на новонастанатата ситуација. Моравме да се откажеме од многу работи без кои мислевме дека не можеме да функционираме. Од друга страна, сфативме дека некои работи не ни биле ни толку пресудни и дека можеме и без нив.
Сепак, како најважна лекција која ја научивме во изминатава година и половина е дека иднината е непредвидлива и дека сè може да се смени за миг. Тоа допринесе да сè поголем број лица активно размислуваат за штедење и да се интересираат за кои можности им се нудат на пазарот. Голем дел од нив го избраа токму третиот пензиски столб или доброволното пензиско осигурување, најмногу поради флексибилноста која ја овозможува истото. Нема обврзувачки договор, нема минимален износ кој мора да се уплаќа и нема пенали доколку се престане со уплати. Сето ова овозможува да секој може да биде член во доброволниот пензиски фонд, без оглед на примањата, доколку кај него постои свесност за долгорочно штедење. Третиот столб е посебно погоден за помладите категории, иако кај нив свесноста не е на високо ниво, за нив работи временскиот хоризонт. Оној што уплаќа 500 денари за 20 години ќе заштеди повеќе од оној што уплаќа 1000 денари за 10 години, иако уплатената сума им е еднаква.
2. Кои се предностите на колективното штедење во доброволниот пензиски фонд и колку домашните компании го практикуваат?
Доброволното пензиско штедење е исто така поволно за компаниите, кои одлучиле да уплаќаат за своите вработени. Согласно законската регулатива, компанијата која уплаќа за своите вработени е ослободена од уплата на придонеси и персонален данок, а воедно е признат расход во висина до две просечни бруто плати.
Со тоа, вработениот на негова сметка во пензискиот фонд ќе добие повеќе средства (бруто износот) отколку кога истите би му биле исплатени како плата или друга монетарна награда. Иако се поголем број компании ја користат оваа можност како елемент за награда на вработените, сепак истото е далеку од нивото во другите земји од регионот. Домашните компании треба да препознаат дека вработените се најважниот капитал и дека треба да се вложува во истите. Интегрирајќи го доброволното пензиско штедење во нивните програми за наградување и лојалност тие вложуваат во нивната иднина.
Покрај компаниите, забележуваме и уплата од многу лица кои работат надвор од компаниските системи, односно т.н. “фриленсери”, кои со уплата во доброволниот фонд си обезбедуваат пензии за идниот период.
3. Како влијаеја промените на домашните и светските берзи на работењето на КБ Прво?
Една од главните функции на КБ Прво пензиско друштво е токму управување со средствата на членовите и нивно соодветно инвестирање. Со оглед на фактот дека дел од портфолиото на фондовите со кои управува друштвото се во домашни акции, како и инвестициски фондови во странство, не останавме имуни на случувањата на домашната и на светските берзи.
Во 2020 година бевме сведоци на голема волатилност на светските финансиски пазари, но пазарите повторно се вратија на претходните нивоа и ги надминаа. Нашиот дисциплиниран пристап во инвестирањето придонесе да ги искористиме овие волатилности и да обезбедиме раст на средствата на нашите членови. Ова беше одлична почетна основа на нашето портфолио оваа година која се карактеризира со рекордни растови на светските берзи, и со тоа да обезбедиме принос за нашите членови на кој може да позавидат и многу фондови ширум светот. Сето ова ни дава силна верба дека ќе обезбедиме мирни пензионерски денови на нашите членови.
4. Еден од главните фокуси на КБ Прво во последниот период е темата одговорно инвестирање, познато како ESG инвестирање. Накратко, за што станува збор и кој е неговиот концепт?
Почнувајќи од 2021 година, КБ Прво започна со имплементација на таканареченото ESG инвестирање, или одговорно инвестицирање. Одговорното инвестирање вклучува грижа за животната средина, општеството и корпоративното управување (ESG). Сметаме дека активностите во овој сегмент ќе влијаат на заштитата и подобрувањето на животната средина. Дополнително, ќе промовираме и изведуваме различни активности со цел подигање на свеста и практикување на еколошкото однесување. Како компанија која се стреми кон зголемување на свеста за грижа на животната околина и која е пионер на овие простори во одговорното инвестирање, КБ Прво пензиско друштво дури 50% од инвестициите во странство ги вложува во индексни фондови со високо рангирани ESG компании, односно компании кои се грижат за животната средина, општеството во целина и компании со добро корпоративно управување. Историски, ваквиот пристап на долг рок носи сигурен и повисок принос на средствата и резултира со предности за клиентите.
КБ Прво пензиско друштво АД Скопје ќе остане пример на позитивни општествени активности, засновајќи ја грижата за општеството во примарните вредности на Друштвото. Наша одговорност и обврска е да учествуваме во поставувањето на стандардите за континуиран и доследен развој на заедницата во која живееме и работиме, помагајќи им на постојните и идните генерации.
5. “Замени и засади” е нов проект на КБ Прво пензиско друштво. Која е целта на кампањата и за што се залага?
Во 2021 година, направивме исчекор повеќе кон подобрување на условите во заедницата преку помагање и унапредување на животната средина.
Под мотото “Замени и засади” ја најавивме нашата нова еко активност. Ги охрабривме нашите членови да го заменат зелениот плик за добивање на својот годишен извештај за комплетен увид на состојбата на својата сметка со добивање на извештајот преку електронска пошта, сè со цел подобрување на животната средина со пошумување на региони сиромашни со дрвја. Секој еден од членовите кој го заменил хартиениот зелен плик со добивање на електронски извештај е вклучен во акцијата, а компанијата за секоја една замена ќе засади по едно дрво.
Овој прв циклус од кампањата го заокруживме со озеленување на 1 хектар непошумен дел во потегот од Куманово кон Свети Николе, во месноста Презово, со дрвја од видот чемпрес, како растение кое е најпогодно за овој предел со сиромашна и сува почва. Беа засадени 2500 садници.
Една од главните вредности на КБ Прво е токму општествената одговорност и одговорното однесување, кое го применуваме во секој сегмент од нашето дејствување. Кампањата “Замени и засади” која се фокусира на грижа за околината, е во иста линија со другиот сегмент од нашето работење како ESG инвестирањето, и сè со цел да обезбедиме најдобар интерес во корист на своите членови и целокупното општество.
Веруваме дека нашите постоечки и идни членови ќе ги препознаат вредностите, и во таа насока би сакале оваа заедничка активност да прерасне во традиција бидејќи ова е Иднината, денес!
Супервизор на капитално финансирано пензиско осигурување е Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС) www.mapas.mk тел. 02/ 32 24 229