Side Area Logo
Добро дојдовте на нашата веб страна
Поврзи се со нас
 

За успехот на една жена не постои една унифицирана формула

За успехот на една жена не постои една унифицирана формула

Интервју со Весна Стојановска, генерален директор на КБ Прво пензиско друштво во кое зборува за лидерската позиција на Друштвото на пазарот на пензиски фондови во државата и за новината воведена минатата година а тоа е имплементирањето на концептот на одговорно инвестирање, познато и како ESG- светски тренд кон кој се стремат пензиските фондови во сите развиени земји. Со гордост ја потенцира и пионерската улога на фондовите со кои управува Друштвото во примената на одговорното инвестирање што опфаќа инвестирање во инвестициски фондови што инвестираат во компании што се грижат за животната средина, општеството и доброто корпоративно управување, но зборува и за тоа од што зависи напредувањето во кариерата и што се влијае жената да се движи во нагорна линија во својот професионален живот

МАРИЛИ: КБ Прво пензиско друштво е формирано пред повеќе од 15 години со стартот на пензиската реформа во државата и тоа е најмоќен пензиски фонд во рамките на вториот – задолжителен и третиот – доброволен пензиски столб. Кажете ни колку членови има Друштвото денес и со колку средства на членовите управува?

СТОЈАНОВСКА: Како што и самото име на нашата компанија вели, ние сме едно од првите две друштва во нашата земја основани во 2005 година, а кое како примарна дејност го има управувањето со задолжителниот пензиски фонд. Веќе во 2009 година друштвото го прошири своето работење со управување на доброволниот пензиски фонд. Оттогаш бележиме постојан раст од аспект на бројот на членови, пазарен удел, како и раст на средствата со кои управуваме како друштво. Во согласност со последниот извештај на МАПАС, заклучно со 30.11.2021 година броиме повеќе од 284.000 членови во двата пензиски фонда, од кои над 268.600 членови во задолжителниот и повеќе од 15.400 членови во доброволниот пензиски фонд. Ова се рекордни бројки за нас и тие нè позиционираат како лидер на пазарот, што особено ме радува бидејќи и покрај силните влијанија на пандемијата изминатите две години, нашите постојани и потенцијални членови успеаја да ја согледаат важноста на пензискиот фонд и да бидат дел од КБ Прво пензиско друштво. Во однос на средствата со кои управуваме, повторно имаме лидерска позиција на пазарот и тие изнесуваат околу 900 милиони евра, средства што се инвестирани на домашни и на странски пазари.

МАРИЛИ: КБ Прв отворен задолжителен пензиски фонд постојано ги инвестира средствата што се уплатуваат во вториот пензиски столб. Каде најмногу инвестирате и дали имате пласмани и во странство?

СТОЈАНОВСКА: При секоја одлука за инвестирање на средствата на нашите членови се водиме од тоа да креираме портфолио што ќе обезбеди заштита на средствата и поголеми приноси за членовите. Во таа насока, портфолијата на фондовите со кои управуваме се балансирани и со широка диверзификација во различни класи инструменти и региони. Инвестирањето во обврзници ни ја обезбедува стабилноста на портфолиото преку редовни приливи што ги имаме од камати, а инвестициите во акции и, пред сѐ, во индексни фондови во странство генерираат раст на средствата на членовите преку растот на цените на акциите на светските пазари, како и приливи од дивиденди. Новина од 2021 година е имплементирањето на концептот на одговорно инвестирање, познато и како ESG, концепт што е светски тренд и кон кој се стремат пензиските фондови во сите развиени земји. Со гордост може да кажеме дека фондовите со кои управува КБ Прво пензиско друштво се пионери во регионот во имплементацијата на одговорното инвестирање што опфаќа инвестирање во инвестициски фондови што инвестираат во компании што се грижат за животната средина, општеството и доброто корпоративно управување. Сето ова придонесува за раст на средствата на нашите членови и обезбедување мирни пензионерски денови, а притоа да имаме активен пристап кон животната средина.

МАРИЛИ: Какви новини воведувате во однос на информираноста на граѓаните, особено за доброволното пензиско штедење, но и околу еколошките алатки што ве претставуваат како општествено одговорна компанија?

СТОЈАНОВСКА: Како компанија главна цел ни е на нашите членови да им понудиме производи и услуги од кои тие би имале најмногу придобивки, но како компанија никогаш не забораваме да работиме одржливо и нашите активности да имаат придобивки и за целата заедница. 

Кога зборуваме за нашите услуги, мора да напоменеме дека со дигитализацијата на сите сегменти во светот се наметна и потребата да ги сервисираме нашите членови со повеќе дигитални канали и алатки. Во изминатиот период КБ Прво пензиско друштво се фокусираше на разработката на новата веб-страница на која членовите ќе имаат поедноставна навигација, ја воведовме опцијата „моја сметка“ каде што сите членови можат да имаат увид во состојбата на својата сметка, како и опцијата „калкулатор“ каде што сите постојни и нови членови можат да направат пресметка за тоа колку би се оплодиле нивните средства врз основа на параметрите што сами ги внесуваат. Во оваа насока на дигитализација на нашите процеси, во план е веќе во 2022 година да биде активна опцијата за електронско потпишување договор за членство.

Но, како што споменав, КБ Прво пензиско друштво е компанија што континуирано во својот фокус ја има општествената одговорност и грижата за животната средина. Во рамките на мисијата насочена кон општествената одговорност, при управувањето со средствата на своите фондови, применуваме одговорно инвестирање познато како ESG инвестирање, што е тренд во светски рамки, со цел да обезбедиме најдобар интерес во корист на целокупното општество.

Од аспект на локално спроведените активности за општествена одговорност, на 7 јули 2021 година ја започнавме кампањата „Замени и засади“, со која ги охрабривме нашите членови наместо зелениот плик во кој го добиваат годишниот извештај за комплетен увид во состојбата на сметката сега овој извештај да го добиваат на електронска пошта, со цел да се заштити животната средина. Во состав на оваа кампања имавме активности за пошумување на регионите што се скудни со дрвја. Првата акција ја реализиравме кај местото Пезово, Кумановско, каде што беа засадени 2.500 садници. Оваа активност продолжува и понатаму.

МАРИЛИ: Од кога сте на позицијата генерален директор на КБ Прво пензиско друштво и според Вашето мислење, што е пресудно за да напредува жената во кариерата, дали образованието, личните карактеристики, умешноста да се освојуваат современите вештини за личен развој, поддршката од семејството?

СТОЈАНОВСКА: Лично сметам дека за успехот на една жена не постои унифицирана формула. Напредувањето во кариерата зависи од многу фактори што, помалку или повеќе, влијаат жената да се движи во нагорна линија во својот професионален живот. Формалното образование е неминовно, но постојаното надградување на вештините и на знаењето во областа на работењето е клучно за напредокот. Следењето на трендовите и естимацијата на тоа што следно ќе се случи на пазарот се важни аспекти на лидерството и тие овозможуваат да се биде еден чекор понапред од другите, а со тоа и да бидете успешни.

Секако, во денешното динамично опкружување за една жена менаџер клучен фактор за успех е поддршката од семејството, а во мојот случај тоа е значително изразено и особено сум благодарна за тоа.

МАРИЛИ: Колку успешното менаџирање Ви остава простор и време да му се посветите на приватниот живот, дали имате некое хоби, односно како го исполнувате слободното време?

СТОЈАНОВСКА: Велат дека човек не може да биде вистински среќен без хоби. Јас се согласувам со тоа зашто ако немате активност во својот живот за која сте пасионирани, животот би бил една рамна линија. Особено сум среќна што моето хоби – патување е активност во која ужива целото мое семејство. Па, така, двапати во годината заедно со сопругот, синот и ќерката одиме на некоја дестинација во светот што не сме ја посетиле. Овие патувања ни значат многу, првенствено што сите четворица сакаме да истражуваме нови места и да запознаваме нови култури, но најмногу поради тоа што на тој начин заедно поминуваме квалитетно време, во релаксирана атмосфера и растоварени од сите секојдневни обврски.

Супервизор на капитално финансирано пензиско осигурување е Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС) www.mapas.mk тел. 02 3224 229

Нема коментари

Коментарите се не достапни во моментов