Side Area Logo
Добро дојдовте на нашата веб страна
Поврзи се со нас
 

Интервју Мартиноски: Одговорното ESG инвестирање е во фокусот на КБ Прво како општествено одговорна компанија

Интервју Мартиноски: Одговорното ESG инвестирање е во фокусот на КБ Прво како општествено одговорна компанија

Одржливиот начин на работење, или попознат како ESG во светски рамки, е стратешка определба на компаниите да се фокусираат своите активности да ги реализираат на начин кој нема да му наштети на окружувањето, но уште повеќе да бидат од корист за заедницата во која функционираат. ESG бележи тренд во светски рамки, а во истиот не изостануваат и македонските компании. Една од нив е и КБ Прво пензинско друштво, компанија која изминатата година е фокусирана на одговорно инвестирање или ESG инвестирање. Согласно последните податоци објавени од Агенцијата МАПАС, изминатата година КБ Прво оствари приноси над 10 проценти и за двата фонда со кои управува, а просечно на годишно ниво за целиот период од постоењето околу 6 отсто. Во разговор со Горан Мартиноски, Раководител на Сектор за управување со средствата во КБ Прво пензиско друштво разговараме на оваа тема, но и за кампањата на компанијата “Замени и засади” насочена токму кон грижа за животната средина.

Која е инвестициска филозофија во управувањето со средствата на фондовите?

Мартиноски: Инвестициската филозофија тргнува од целта, а тоа е сигурна и среќна иднина на нашите членови, идни пензионери. Од една страна да ги заштитиме нивните средства од најголемиот непријател на парите, а тоа е инфлацијата која е особено актуелна деновиве, а од друга страна да направиме раст кој ќе ја надмине инфлацијата и ќе обезбеди реален раст на вложените средства. Просечната возраст на членовите на задолжителниот фонд е околу 37 години, што значи имаме долг хоризонт за инвестирање на нивните средства. Портфолиото на фондот е балансирано, при што максимално го користиме дозволеното ниво за инвестирање во странски акции/фондови од оклу 30 проценти. Во изминатиов период имаме одлични перформанси на портфолиото што ни дава верба дека ќе ја оствариме нашата цел и ќе имаме среќни пензионери.

Минатата година КБ Прво пензиско друштво ја посвети на животната околина како општествено одговорна компанија. Што направи КБ Прво во однос на инвестиционата стратегија?

Мартиноски: Дејствувањето беше во две насоки. Од една страна активно ја водиме кампањата “Замении засади” при што до сега имаме засадено преку 2.500 садници на различни делови од државата. Од друга страна, следејќи ги светските трендови во областа на инвестирањето, од почетокот на 2021 година воведовме концепт на одговорно инвестирање. Одговорното инвестирање, познато и како ESG, опфаќа грижа за животната околина, општеството и корпоративното управување на компаниите. Трансформацијата на дел од нашето портфолио, од традиционално во ESG портфолио го направиме преку инвестиции во инвестициски фондови т.н. ЕТФи кои прават филтрација и рангирање на компаниите според тоа како се однесуваат кон климатските промени, емисија на јаглерод диоксид, трошење на ограничени ресурси, енергетска ефикасност, модерно ропство, стандарди за работа, корупција, политички лобирања и сл. Овој процес го заокруживме во првата половина од 2021 година и  планираме во иднина да го одржуваме и унапредуваме.

Кој е мотивот за инвестирање со примена на концептот на ESG кај поединците, а кои кај институционални инвеститори како пензиски фондови?

Мартиноски: Одговорното инвестирање го засноваме на вредностите и верувањата кои ги живееме ние и нашите членови, преку инвестициите се трудиме да направиме позитивно влијание врз животната средина и општеството во целина, односно да го  направиме светот подобро место за живеење за сите нас. Се трудиме преку инвестирањето да поттикнеме да се активираат промени за социјални и еколошки цели. Јас би рекол дека ова е идеална комбинација затоа што со нашите заштеди заработуваме за деновите во пензија, но исто така придонесуваме да живееме во поубава и поздрава животна средина.

Во изминатиов период приносите кои ги остваруваат одговорните инвестиции се повисоки во однос на оние кои не го  применуваат овој концепт.

Кои принципи се користат во одговорното инвестирање? Какви се вашите видувања по основ на остварените резултати?

Мартиноски: Во процесот на имплементација на ESG инвестирање се применуваат три генерални принципи или методи. Нa почетокот, со методот на исклучување се исклучуваат компаниите кои се поврзани со нуклеарно оружје, тутунска индустрија, алкохол, како и во држави со висок степен на корупција, непочитување на човекови права и сл.

Вториот принцип е континуирано инвестирање во компании или инструменти кои имаат повисок ESG скор споредбено со компании од истата дејност.

И активниот пристап, кој претставува политика за учество на акционерски собранија и поттикнување на повисока одговорност кај издавачот на инструментите во кои се инвестирани средствата на фондовите, соработка со издавачите и други акционери за унапредување на општествената одговорност и сл.

На почетокот најважно ни беше, со примена на одговорното инвестирање, да не “жртвуваме” дел од приносот кој го остварувавме во изминатиот период, но после опсежни анализи и искуството кое го имаме може да кажеме дека ефектот е сосема спротивен, приносот на овие инвестиции е повисок споредбено со останатите. Со гордост можам да кажам дека остваруваме приноси на средствата на нашите членови на кои што можат да ни позавидат многу пензиски фондови низ светот.

Како се одвиваше процесот на имплементација на одговорното инвестирање во портфолjиата на фондовите со кои управува КБ Прво пензиско друштво?

Мартиноски: Процесот го започнавме уште претходната година, година која беше многу предизвикувачка и од здраствен и од економски аспект. Процесот го започнавме преку опсежни и длабински анализи, но и покрај тоа што темата за ESG е тема која е актуелна последниве неколку години, сепак немаше многу практично искуство кое можевме да го пресликаме. Во комуникација со големите светски инвестициски куќи, обуки и тони матерјал утврдивме т.н. “метод на таргетирање”, при што како таргет го утврдивме ESG рејтинот на еден од најшироко диверзифицираните индекси кои го покриваат ESG сегментот.

Заклучно со јуни минатата година, портфолијата во странски акции на фондовите со кои управува КБ Прво постигнаa виоко ниво на ESG рејтинг од 6,9 според скалата на MSCI.

Многу важно е дека со овој процес успеавме да ja намалиме за преку 20% количината на CO2 која ја испуштаат компаниите од нашето портфолио споредбено со портфолиото кое го имавме кога го започнавме процесот пред неколку месеци, и со тоа да имаме што е можно “почисто” портфолио.

Голема чест за нас е дека КБ Прво се препознава како компанија која се грижи за околината и е регионален лидер во имплентација на одговорно инвестирање во портфолиото.

Минатата недела се случи инвазијата на Русија врз Украина, како ја оценувате состојбата и какви последици ова би предизвикало на пазарот на капитал?

Мартиноски: Нападот на Русија врз Украина не е само значаен геополитички настан, тој ќе има и значајни економски импликации на светската економија, а пред сè на Европскиот континент. Големата зависност на Европа од рускиот гас ќе придонесува за продлабочување на енергетската криза со која се соочува континентот. Ова ќе прави дополнителни инфлациски притисоци, но се очекува испорака на гас од алтернативни добавувачи да го намали притисокот. Сите овие економски движења секако дека имаат влијание на пазарите на капитал, имајќи во предвид дека дел од европските банки имаат изложеност на руската економија, но и извозот кои компаниите го прават во Русија во износ од околу 170 милијарди евра, што значи намалување на нивните приходи. Она што е веројатно е дека нè очекува одредена неизвесност и волатилност на пазарите. Што ќе се случува во следниов период е тешко да се предвиди, но она што можеме да го кажеме од минатото е дека пазарите ги “преживуваат” ваквите настани и се издигнуваат над претходното ниво, што значи дека нема простор за паника за инвестиорите кои немаат потреба од брза ликвидност.

Супервизор на капитално финансирано пензиско осигурување е Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС) www.mapas.mk тел. 02 3224 229

Нема коментари

Коментарите се не достапни во моментов