Соопштение
Петта работна средба на регулаторите, приватниот и граѓанскиот сектор за следење на спроведувањето на Стратегијата за финансиска едукација и финансиска инклузија
На 13 декември беше одржана петтата работна средба на Работната група за следење на спроведувањето на Стратегијата за финансиска едукација и финансиска инклузија, чија активност ја координира Народната банка, а на која присуствуваа и претставници на Министерството за финансии, Комисијата за хартии од вредност, Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување и Агенцијата за супервизија на осигурувањето, како и субјектите од приватниот и граѓанскиот сектор.
Целта на средбата е да се овозможи редовен дијалог помеѓу финансиските регулатори, субјектите од приватниот и граѓанскиот сектор вклучени во активностите за финансиска едукација, како и размена на предлози и искуства за зајакнување на финансиската инклузија и заштитата на потрошувачите во финансискиот систем, заради успешно спроведување на Стратегијата за финансиска едукација и финансиска инклузија.
На средбата присуствуваше и претставничка на Министерството за финансии на САД, г-ѓа Даниел Хопкинс, советничка за финансиска инклузија, којашто го пренесе искуството од спроведените активности во доменот на финансиската едукација, инклузија и заштита на потрошувачите во САД. Искуствата пренесени во рамките на техничката помош за Министерството на финансии даваат основа за согледување нови можности за унапредување на финансиската писменост на населението во нашата земја.
На средбата, членовите на Работнатата група беа запознаени со започнатата втора фаза на Регионалниот проект за финансиска писменост поддржан од Меѓународната мрежа за финансиска едукација ИНФЕ – ОЕЦД и Министерството за финансии на Холандија, којашто ќе се одвива во периодот од 2023 до 2027 година. Главни цели на втората фаза се да го поддржат спроведувањето на националните стратегии, размената на искуства меѓу десетте вклучени земји од регионот и натамошните истражувачки активности во оваа сфера.
На членовите на Работнатата група им беше предочен и Планот на заедничките активности на Координациското тело за 2024 година којшто покрај редовните настани и активности, вклучува активности околу спроведувањето на Стратегијата во доменот на финансиската едукација, финансиската инклузија и заштитата на потрошувачите. Притоа, беше нагласено дека за 2024 година е планирана засилена соработка со Бирото за развој на образованието во однос на образовните програми коишто вклучуваат финансиска едукација во рамките на образовниот систем.
Покрај тоа, беше упатен повик до приватниот и граѓанскиот сектор за активно вклучување во активностите за финансиска едукација и инклузија, со што би се обезбедил поширок опфат на населението.
Работната група за следење на спроведувањето на Стратегијата, составена од претставници на регулаторните институции, здруженијата на приватниот сектор и граѓанскиот сектор, годишно одржува две средби, и тоа околу средината и кон крајот на годината.