
Грижата за клиентите секогаш е на прво место
Во деловниот свет секојдневно сме опкружени со многу индивидуи со кои применуваме најразлични видови на комуникација – дали е тоа семејството, колегите на работа, претпоставените, клиенти/членови со кои веќе подолг временски период соработуваме или пак нови потенцијални клиенти со кои сакаме да изградиме заедничка долгорочна иднина.
Со сите, ама баш со сите треба да бидеме на „висина на задачата“ или народно кажано, не правете го тоа што не сакате да Ви го прават Вам.
Кога велам „висина на задачата“, мислам на високо ниво на професионалност, навременост, точност, прецизност, концизност, подготвеност, одговорност и стручност.
Само на овој начин можеме да воспоставиме долгорочен однос и врска, да бидеме ценети и работите да се движат во вистинскиот правец и насока кон зададената цел. Квалитетната услуга на клиентите е таа која со текот на времето влијае на идните одлуки на клиентите да останат корисници, членови кај одреден понудувач на услуги.
Со врвна услуга на клиентите, компаниите можат да ги намалат трошоците за стекнување нови клиенти/членови/корисници и да развијат лојални клиенти/членови/потрошувачи. Лојалните клиенти дури им носат многу повеќе бизнис на компаниите. Тие се Вашите најдобри продавачи, тие одлично и бесплатно го рекламираат Вашиот производ или услуга.
Продажбата е неминовно локомотива во секоја компанија. Моето долгогодишно искуство во КБ Прво пензиско друштво ми овозможи градење на долгорочни релации со клиентите/членовите. Релации на меѓусебна доверба, посветеност, искреност и високо ниво на професионалност и стручност.
Секогаш се трудиме на нашите клиенти/членови да им дадеме информации од прва рака. Да ги информираме навремено, точно и прецизно за законските измени од пензиската реформа, намалување на надоместоците за трошоци, за приносот од инвестициите, за вредноста на нивните сметки, со цел да имаат јасна слика и цел што треба да преземат за подобрување на нивната финансиска иднина.
Една од најважните работи во кои уживам во текот на продажбата е нашата советодавна карактеристика како дел од грижата за клиентите. Ние сме финансиски советници и имаме задача да ги насочиме да размислуваат за третото доба во кое нема да бидат продуктивни и да заработуваат дополнителен приход. Нашата улога како консултанти има за цел да им помогне, да им изгради поквалитетен животен стандард и посигурни пензионерски денови. Едуцирајќи ги им помагаме да креираат стабилна финансиска иднина.
Особено ќе ме радува моментот во иднина кога моите клиенти ќе дочекаат пензија. Ми претставува задоволство кога ќе склучам нов договор и почнувам да градам релација со младите кои за првпат се вработуваат, посакувајќи им да си дочекаат пензија.
Од оваа гледна перспектива, горд сум што сме дел од една од најуспешните реформи во нашата земја, пензиската реформа која оваа година прави јубилеј од 20 години. Нашиот тим имаше јасна цел и визија и веќе трасиран пат кон успешна финансиска сатисфакција за нашите членови. Преку континуираниот заеднички раст со нашите клиенти ќе дојдеме до посигурна и побезбедна пензиска иднина.
Знам дека не е едноставно да создадете доверба, да дојдете до голем број на клиенти и таа база да ја надградувате секојдневно. Тој пат е макотрпен процес. Довербата се гради и негува. Се учи низ самиот процес на продажба. Резултатите не доаѓаат веднаш. Многумина кои работат во оваа дејност знаат дека не е едноставно веднаш да се реализира продажба, меѓутоа со многу труд, фокус, посветеност и планска обработка успехот е неминовен.
Јас со моите клиенти/членови градам релација балансирајќи помеѓу професионалниот однос и пријателството. Во кое било време да можат да ми се јават или јас на нив, без разлика за која тема станува збор. Да ме прашаат за совет, да ми се пожалат, да ми се пофалат или да споделат убава вест. Да си честитаме роденден, именден или слава. Сметам дека овој модел на функционирање дава подобри резултати од класичен деловен однос меѓу две странки. Моите совети за сите кои работат на ова поле е дека грижата за клиентите/членовите бара проактивна континуирана услуга која се базира на:
- Идентификување на нивните потреби, персонализација;
- Навремена комуникација – секогаш поставувајте им прашања и направете ги свесни пред да се соочат со нивните потреби, а посебно брзо решавајте ги сите забелешки и поплаки;
- Денес е многу важно да применувате најразлични канали за комуникација, меѓу кои и социјалните канали за комуникација кои денес се користат, така станувате поблизок и градите нераскинлива врска;
- Посетувајте обуки и секогаш бидете во тек со новостите, градете се како професионалец,
- Користете го фидбекот од вашите клиенти и
- Понудете им вредност.
Бидете свои, оригинални, трпеливи, флексибилни и адаптибилни. Задржете професионален изглед и однесување, покажете емпатија и проактивност. Сето тоа клиентите ќе го забележат, ценат и вреднуваат. Овие квалитети не само што помагаат во решавањето на потребите на клиентите, туку и создаваат долгорочна лојалност кон компанијата.
Ова е мојот начин на грижа за клиентите во КБ Прво, а тие секогаш ќе бидат на Прво место!
Мартин Јаковлески е магистер по Маркетинг и деловни комуникации, вработен во Сектор за продажба во КБ Прво пензиско друштво, со над 15-годишно искуство. Одговорен е за работа со деловни клиенти во рамките на доброволниот пензиски фонд. Неколку години од својот професионален ангажман има работено и како новинар-репортер во телевизија Телма.
Супервизор на капитално финансирано пензиско осигурување е Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС) www.mapas.mk тел.: 02/ 32 24 229