КБ Прво пензиско друштво АД Скопје слави 18 години успешна и посветена работа во доменот на пензиско осигурување
18 години успешна и посветена работа, 18 години управување со средствата на членовите, 18 години создавање вредност.
КБ Прво пензиско друштво АД Скопје во мај 2023 одбележува 18 години како дел од реформираниот пензиски систем, а низата успеси и зрелата лидерска позиција на пазарот ќе ги прослави во недела, 21.05.2023 година, во Градскиот парк во Скопје на Школка, каде ќе се одржи настанот „Замени и засади”, кој е од отворен карактер.
Грижа кон животната средина
Последните неколку години, КБ Прво пензиско друштво АД Скопје со гордост ја потенцира и пионерската улога на фондовите со кои управува, во примена на одговорно инвестирање, што опфаќа инвестирање во инвестициски фондови кои се грижат за животната средина, општеството и доброто корпоративно управување, познато како ESG концепт – светски тренд кон кој се стремат пензиските фондови во сите развиени земји.
Во таа насока, во 2021 година, Друштвото направи исчекор повеќе кон подобрување на условите во заедницата преку помагање и унапредување на животната средина.
Под мотото „Замени и засади” беше најавена новата еко активност, со која членовите беа охрабрени да го заменат зелениот плик за добивање на својот годишен извештај за комплетен увид на состојбата на својата сметка, со добивање на извештајот преку електронска пошта, сè со цел подобрување на животната средина со пошумување на региони сиромашни со дрвја. Друштвото за секоја една замена ќе засади по едно дрво.
Досега се реализирани три успешни акции за пошумување на различни локации во земјава каде се посадени над 5.200 садници и ова не е крај.
1 милијарда евра средства во управување
Во текот на речиси 2 децении постоење, КБ Прво пензиско друштво АД Скопје напорно работеше кон остварување на она што денес го има постигнато – прерасна во стабилно општествено одговорна компанија, која успешно се позиционира на пазарот на управување со пензиски фондови.
Од основањето па до денес, бројот на членови и во двата фонда, континуирано расте, што е показател за довербата која ја има членството.
Потврда за тоа се и последните податоци објавени од МАПАС, односно заклучно 30.04.2023 година нето средствата на КБ Прв отворен задолжителен пензиски фонд – Скопје изнесуваа 60.437,31 милиони денари, додека вкупниот број на членови и времено распределени лица во КБ Прв отворен задолжителен пензиски фонд – Скопје изнесува 273.497. Бројките за доброволниот пензиски фонд говорат дека вкупниот број на членови со доброволна индивидуална и/или професионална сметка во КБ Прв отворен доброволен пензиски фонд – Скопје изнесува 16.345, додека нето средствата на КБ Прв отворен доброволен пензиски фонд – Скопје изнесуваа 1.575,50 милиони денари.
Во низата постигнати позитивни резултати и успеси на КБ Прво пензиско друштво АД Скопје, вреди да се спомене дека во месец април 2023 година нето средствата во двата фонда со кои управува КБ Прво надминаа 1 милијарда евра (извор:mapas.mk), што во моментов е најголемо инвестиционо портфолио во земјава.
Награди
Кога се зборува за резултати и потврда за добрата работа, тука се и многубројните награди со кои е крунисан успехот на компанијата.
Кон крајот на 2022 година Друштвото беше добитник на престижната награда „Best Passive Investment Management “ на настан во Ротердам, Холандија организиран од IPE. Investment & Pensions Europe е водечка европска публикација за институционални инвеститори и пензиски фондови чии податоци и информации ја даваат најавторитетната слика за пензиските средства ширум континентот.
Оваа награда е резултат на посветеноста на целиот тим на КБ Прво пензиско друштво, но воедно и признание за реформираниот пензиски систем во земјава.
Супервизор на капитално финансирано пензиско осигурување е Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС) www.mapas.mk тел. 02/ 32 24 229